Новости и соопштенија


ВЕДРАН ХОРВАТ: Македонија треба добро да се подготви за климатските промени


Интервју на Ведран Хорват, поранешен директор на „Хајнрих Бел“ за Нова Македонија

Секако дека тие земји треба да се придржуваат до минималните стандарди за испуштање стакленички гасови. Но повеќе треба да работат на приспособување, затоа што ќе бидат потешко погодени и потешко ќе се борат со климатските промени зашто имаат помалку ресурси, помалку пари и уште постари технологии

Ведран Хорват е еден од најистакнатите еколошки активисти на Балканот и во Европа, како поранешен директор на фондацијата „Хајнрих Бел“ од Германија, која е, пак, меѓу највлијателните во Европа во оваа област. Заедно со други гости, присуствуваше на балканската зелена конференција организирана од ДОМ. Со Хорват разговаравме за влијанието на Трамп врз справувањето со климатските промени, и за поделбата на улогите меѓу големите и малите земји во оваа глобална борба.

Главна дилема е како изборот на Доналд Трамп ќе се одрази врз климатскиот договор и врз климатските политики во светот. Што мислите за тоа?
- Изборот на Трамп претставува голема опасност за продолжување на климатските преговори во некој посакуван правец. Според тоа што досега го покажа, ќе продолжи со т.н. екстрактивизам, односно би бил на страната на користењето фосилни горива и на индустријата што ги користи нив. Со тоа, секој потег што зелените ќе се обидат да го повлечат на глобално ниво, а со тоа и во Америка, ќе биде многу потешко остварлив. Допрва треба да се види во која мера Трамп ќе ја ублажи својата позиција или ќе ја направи потактична, но може да се претпостави дека, вкупно гледано, исходот ќе биде полош отколку без него. Тоа станува интересно не само поради него, туку и поради тоа што земјите како Кина сега многу поагресивно ја застапуваат зелената агенда, а ако има некаков застој или премислување во земјите од Европската Унија, тоа не би било добар знак. Токму земјите од ЕУ треба да дадат поттик кон климатските промени и кон почитување на сите ставки на договорот.

Во последно време сѐ повеќе се зборува за „чисто“ користење на фосилните горива, односно дека негативните ефекти од нивната употреба може да се поништат со развој на технологијата. Дали тоа ќе биде доволно за да се намалат емисиите на стакленичките гасови?
- Лично мислам дека не може. Нормално, постојат сѐ подобри технологии што го намалуваат јаглеродниот отпечаток и што го смалуваат загадувањето, односно ја зголемуваат ефикасноста. Но самата логика на општествата и на економиите што се базираат на фосилните горива е проблематична од аспект на демократијата. Затоа што не се земаат предвид социјалните аспекти на користењето на тие технологии. Според тоа, можно е за околината со нив да се постигнат подобри резултати, но не и за општеството, затоа што во голема мера целиот пораст што доаѓа од тие индустрии се концентрира кај мал дел од него. Не може да се постигне еколошка транзиција на чиста енергија, без да се поправи положбата на луѓето. Тоа не оди едно без другото.

Има голем ентузијазам околу климатскиот договор, дека ако се исполни, ќе се запре глобалното затоплување на 2 степена, и сѐ ќе биде во ред. Дали е тоа доволно или сепак треба да се работи на подготовка за најлошите сценарија?
- Не е доволно, бидејќи ние веќе доцниме. Дури сега да ги запреме сите автомобили и индустрии, ќе заостануваме. Глобално, приоритетот е на намалување на емисиите за да се запре глобалното затоплување. Локално условите се секаде различни, зависи дали државите се на брег, во пустинско подрачје или во подрачје што може да стане пустинско. Тука секако треба да се работи на адаптацијата во секторите што се многу важни за животот на луѓето, како земјоделството, туризмот и други. Што се однесува до големите играчи, Бразил, Кина, Русија, САД, Европа како целина, нивната задача е да ги намалат емисиите.

Која е улогата на малите земји како Македонија во борбата против климатските промени?
- Со оглед на тоа дека во овој дел од светот немаме висока индустриска активност, не можеме да зборуваме за големи ефекти од намалувањето на емисиите. Секако дека тие земји треба да се придржуваат до минималните стандарди за испуштање стакленички гасови. Но повеќе треба да работат на приспособување, затоа што ќе бидат потешко погодени и потешко ќе се борат со климатските промени зашто имаат помалку ресурси, помалку пари и уште постари технологии.





Loading








Најмногу стакленички гасови се емитуваат при производство на кој од наведените пијалоци во нашата држава:


Испрати


Пораки

Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство

Д-р Ѓорге Иванов, . претседател на Република Македонија

Со оваа комуникација во рака, земјата е целосно подготвена за самитот во Париз

Алесандро Фракасети, заменик на постојниот претставник на УНДП

Пред нас стои предизвикот на имплементацијата на предложените мерки од Планот

Стево Темелковски, зам. министер за животна средина и просторно планирање

Последно видео

Билтен

Претплатете се на нашиот билтен