Новости и соопштенија


Конференцијата за климатски промени во Бон стана платформа за поголема амбиција


Ветени нови финансиски средства за осигурување и за заштита на шумите со цел да се зголеми климатска акција од владите, градовите и компаниите

Новости од Конвенцијата на ОН за климатските промени, Бон, 18 ноември 2017 – Државите учеснички на годишната Конференција на ОН за климатски промени во Бон, Германија,  денес, на затворањето се согласија да започнат со следните чекори за поголема амбициозност во однос на ублажување на климатските промени пред 2020 година.

Поддржани со широк спектар на позитивни најави од влади, градови, региони, компании и од граѓански организации, делегатите од преку 190 земји се согласија на 12-месечен ангажман со фокус на прашањето „Каде сме, каде сакаме да одиме и како да стигнеме таму?“

„Дијалогот Таланоа“, инспириран од пацифичкиот концепт на конструктивна дискусија, дебата и раскажување приказни, ќе овозможи подготовка за во Полска во 2018 година да се ревидираат и прошират националните планови за климатска акција, согласно амбициите за периодот пред 2020 година и долгорочните цели предвидени во Парискиот договор, потпишан пред две години.

Основната цел на Парискиот договор е светската просечна температура да не се зголеми за повеќе од 2 степени Целзиусови и да остане колку што е можно поблиску до 1,5 степени, границата над која многу мали острови и ранливи држави нема да преживеат.

Во споредба со времето пред индустриската револуција, температурата веќе е зголемена за повеќе од 1 степен. Дури и со спроведување на активностите во сегашните национални планови за климатска акција, познати како Национални придонеси или NDCs, температурата сепак ќе се зголеми за 3 степени Целзиусови, или повеќе.

Френк Баинимарама, претседател на конференцијата, именувана и како „COP23“ и премиер на Фиџи изјави: „Многу ми е мило што оваа конференција постигна толкав успех, особено имајќи ги предвид предизвиците за постигнување мултилатерален консензус за одлучни климатски акции. Ја завршивме работата со која бевме задолжени, односно задача ни беше да го унапредиме спроведувањето на упатството од Парискиот договор и да подготвиме терен за поамбициозни акции во Дијалогот Таланоа во 2018 година“.

„Постои позитивно чувство насекаде околу нас. И Фиџи е особено благодарна за тоа како светската заедница го прифати нашиот концепт за Глобална Коалиција за поголема амбиција, со што ќе се поврзат националните влади со државите и градовите, граѓанското општество, приватниот сектор и обичните мажи и жени насекаде во светот“, изјави тој.

„Од Бон си заминуваме со значителни постигнувања, меѓу другото и со Океанскиот патоказ, историски договор за земјоделството, како и со Акцискиот план за родови прашања и Платформата на домородните народи. Исто така обезбедивме повеќе средства за адаптација и започнавме глобално партнерство со цел на милиони луѓе изложени на опасности од климата да им овозможиме економски достапно осигурување“.

„Сакам длабоко да им се заблагодарам на нашите домаќини, Владата на Германија и УНФЦЦЦ, како и на жителите на Бон. Ние го донесовме нашиот фиџиски Була дух на оваа конференција и беше извонредно да се гледа како реагираат луѓето. „Винака вакалеву“. Ајде сите да се посветиме на поамбициозни активности за ублажување на климатските промени со тоа што ќе се придвижиме понатаму, побрзо и заедно во следната година“, дополни г-динот Баинимарама.

Извештајот кој го објави Меѓународната агенција за обновлива енергија во текот на конференцијата покажа дека многу земји сега имаат повисоки цели за обновлива енергија отколку тие што се наведени во нивните акциски планови за климата или во Националните придонеси – што покажува дека во некои земји, барем во однос на зелената енергија, веќе постои повисока амбиција;

Во посебниот научен извештај, подготвен за конференцијата од Future Earth и Earth League, се вели дека експанзијата на обновливата енергија низ планетата се удвојува на секои 5,5 години – што е во согласност со целите за целосна декарбонизација на секторот Енергетика до средината на векот.

Патрисија Еспиноса, извршен секретар на Секретаријатот на ОН за климатски промени, кои беа домаќини на конференцијата со поддршка од Владата на Германија, изјави: „COP23 во Бон се случува во време на сериозни и до сега невидени природни катастрофи од кои страдаат домови, семејства и економии во Азија, на Карибите и во двете Америки – сето ова не потсетува колку итно мора да преземеме колективни акции“.

„Конференцијата, со усвојувањето на Дијалогот Таланоа, постави платформа со која ќе може да стигнеме до следната фаза на поголема амбиција. Исто така го унапреди спроведувањето на упатството од Парискиот договор, така што до 2018 година навистина ќе може да се поддржи одржлива меѓународна соработка и национални напори за да се постигне посигурен, попросперитетен и подобар свет за сите“, изјави таа.

„Но, во Бон во оваа 2017 година направивме и повеќе од тоа – покажавме дека поддршката за Парискиот договор е силна и дека патот по кој тргна светот е незапирливо движење поддржано од сите сектори во општеството, од сите делови на светот“, дополни г-ѓа Еспиноса.

Со толку многу заложби и инцијативи за климатска акција, друга силна порака испратена од сите претставници на COP23 беше и барањето подобро да се координираат напорите во однос на политиките, плановите и инвестициите со цел да се обезбеди дека секој инвестиран цент и секоја минута работа придонесуваат за резултати со многу поголеми влијанија и ја зголемуваат амбицијата во националните климатски планови.

Резултати и најважни случувања на Конференцијата на ОН за климата, 2017 година

Претседателот на COP23 и извршениот секретар на ОН за климатски промени истакнаа некои од најважните случувања на овогодинешната Конференција на ОН за климата кои се резултат на преговорите, на Партнерството за глобална климатска акција од Маракеш и на илјадниците настани на високо ниво.

  • Долгорочни финансиски средства – Земјите го поздравија напредокот, но исто така побараа поголеми напори за да се испорачаат договорените 100 милијарди долари годишно до 2020 година, со цел да се поддржат земјите во развој за преземање климатски активности
  • Фондот за адаптација го надмина износот предвиден за 2017 година – Износот за финансирање за оваа година беше 80 милиони долари, но најавите за финансирање, вклучувајќи ги и тие од Германија и Италија ја надминаа оваа сума за преку 13 милиони долари, што значи вкупно ќе се доделат 93,3 милиони долари.
  • Историски напредок во земјоделството – дојде до историски политички напредок во однос на земјоделството што може да доведе до побрз и покоординиран одговор од страна на државите за да се работи на секторот кој е втор најголем емитувач, по енергетиката
  • Владата на Норвешка, мултинационалната компанија Унилевел и други партнери најавија 400 милиони долари за поддршка на поефикасно земјоделство, поддршка на малите земјоделски стопанства и одржливо стопанисување со шумите
  • Акциски план за родови прашања – Со овој План формално ќе се поддржи важната улога на жените во борбата против климатските промени. Ова е важно имајќи предвид дека жените се особено ранливи на влијанијата од климатските промени и не треба да бидат изземени од носењето одлуки во однос на активностите и решенијата. Планот има за цел да ги направи жените дел од проектите за климатски промени и од одлуките и на национално и на меѓународно ниво.
  • Платформа за локалните заедници и домородните народи – Политичко и практично постигнување кое има цел да поддржи целосно и под еднакви услови вклучување на домородните народи во климатските активности, а истовремено да ја подвлече одговорноста на владите да ги почитуваат правата на домородните народи со овие одлуки.
  • Започнување на Партнерството Океански патоказ – Има цел до 2020 година, да ги зајакне активностите и финансиската помош која ги поврзува активностите за климатските промени со здравите океани, меѓу другото и преку процесот за климатски промени на ОН и преку појасни цели и амбиции во националните акциски планови за климатски промени
  • Активирање на мрежата на новинари од пацифичките острови – Десет наградувани медиуми од Фиџи, Самоа, Соломонските острови, Папуа Нова Гвинеја, Тонга и Вануату присуствуваа на конференцијата со средства од германската влада и поддршка од Академијата Дојче Веле и UNFCCC. Тие го најавија формирањето на ново здружение чија цел е да се зајакне известувањето за климатските промени од медиумите во Пацифичкиот регион 
  • InsuResilience е иницијатива која најавува ново глобално партнерство и дополнителни 125 милиони долари од Владата на Германија како помош со цел да се обезбеди достапно осигурување за преку 400 милиони сиромашни и ранливи луѓе до 2020 година
  • Почеток на Клириншката куќа за пренос на ризици на Фиџи – Нова интернет платформа која користи вештачка интелигенција за да им помогне на ранливите земји да најдат достапно осигурување и решенија за избегнување на климатските ризици.
  • Владите на Германија и Обединетото Кралство заедно со други партнери најавија 153 милиони долари за проширување на програмите за борба против климатските промени и обесшумувањето во Амазонскиот регион
  • Европската инвестициска банка формално најави 75 милиони долари за новата инвестициска програма на Одговорната институција за води на Фиџи во вредност од 405 милиони долари, за зајакнување на отпорноста на дистрибуцијата на водата и пречистување на отпадните води за речиси 300.000 луѓе кои живеат во и околу главниот град Сува.
  • Ветувањето на Америка да ги поврзе лидерите од приватниот и јавниот сектор со цел Америка да остане светски лидер во намалувањето на емисиите и да ги исполни климатските цели на земјата согласно Парискиот договор
  • Зелениот климатски фонд (Green Climate Fund GCF) и Европската банка за обнова и развој најавија грант од преку 37 милиони долари, средства од GCF, за Проектот за заштита на водите во Сајс вреден преку 243 милиони долари (Saïss Water Conservation Project) за да му помогне на Мароко да постигне поотпорно земјоделство
  • Алијансата за оставање на јагленот во минатото (Powering Past Coal Alliance) во која учествуваат 25 земји, држави и региони има цел да се забрза процесот на исфрлање на јагленот од употреба и да се поддржат работниците и заедниците кои ќе трпат влијанија поради тоа.
  • Програмата за развој на ОН, Германија, Шпанија и ЕУ започнаа Програма за поддршка за спроведувањето на националните придонеси во вредност од 42 милиони долари, со цел да им се помогне на земјите да го исполнат Парискиот договор
  • Постојното Партнерство за националните придонеси најави формирање на нов регионален центар за да се поддржи спроведувањето на националните акциски планови за клима или националните придонеси во Пацифичкиот регион
  • 13 земји и Меѓународната агенција за енергетика најавија 30 милиони евра за „Програмата за преод кон чиста енергија на ЕИА“, средства со кои ќе се поддржи преодот кон чиста енергија во различни земји во светот
  • Почеток на новата Иницијатива за поддршка на здравството во малите островски држави во развој – Светската здравствена организација во соработка со Секретаријатот на ОН за климатски промени и Претседателството на Фиџи на COP23, најавија посебна иницијатива за заштита на луѓето кои живеат во малите островски држави во развој (SIDS) од влијанијата на климатските промени врз здравјето. Нивната цел е до 2030 година, да се утрои меѓународната финансиска помош за климата и здравството во овие земји 
  • Беше дадена Обврската Бон-Фиџи  - заложба за акција прифатена од преку 300 локални и регионални лидери за спроведување на Парискиот договор на сите нивоа, поддржано од 20 иницијативи меѓу кои и тие коишто се фокусираат на Африка, островите, постиндустриските градови и стандардите за известување за климата.





Loading








Најмногу стакленички гасови се емитуваат при производство на кој од наведените пијалоци во нашата држава:
Испрати


Пораки

Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство

Д-р Ѓорге Иванов, . претседател на Република Македонија

Со оваа комуникација во рака, земјата е целосно подготвена за самитот во Париз

Алесандро Фракасети, заменик на постојниот претставник на УНДП

Пред нас стои предизвикот на имплементацијата на предложените мерки од Планот

Стево Темелковски, зам. министер за животна средина и просторно планирање

Последно видео

Билтен

Претплатете се на нашиот билтен