Република Македонија, климатските промени и Протоколот од Кјото



Република Македонија, како земја кандидат за полноправно членство во ЕУ, своите политики во климатските промени ги базира и усогласува со генералните политики на ниво на Европската Унија. 


Како држава потписничка на Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени а која не влeгува во групата од Анексот I држави, и која во апсолутен смисол не е голем емитер на стакленички гасови, го почитува принципот на Конвенцијата за заеднички но поделени одговорности во стабилизирањето на атмосферските концентрации на стакленичките гасови во атмосферата.


Ваквата определба на РМ се изразува на повеќе нивои: стратешко, легислативно, институционално, техничко и се разбира преку соработка на билатерално, регионално и глобално ниво.


Прашањето на климатските промени е адресирано во Националната стратегија за одржлив развој на државата, како прашање кое има влијание врз многу сектори (енергетика, земјоделие, водни ресурси, здравје на луѓе, биодиверзитетот..). Исто така, и вториот Национелен еколошки акционен план ги обработува климатските промени.


Вториот национален извештај за климатски промени ја дава состојбата во државата од аспект на емисии на стакленички гасови (инвентар на сакленички гасови), но истовремено претставува и рамка во која се дефинирани мерките на државата од аспект на намалување (митигација) и прилагодување (адаптација) кон климатските промени. Изработката на компоненетите на Националниот извештај за климатски промени претставува и законска обврска согласно Законот за животна средина. 


Република Македонија, како држава која го има ратификувано Протоколот од Кјото кон Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, ги препозна можностите за постигнување на целите на одржливиот развој со искористување на можностите за јаглеродното финансирање преку ползување на еден од механизмите на Протоколот, т.н механизам за чист развој. Согласно првични анализи, потенцијалот за редукција е пресметан на 4Mt CO2eq/год, што преведено во потенцијал за јаглеродно финансирање (со просечна цена од 6-9 евра/тон редуциран CO2eq изнесува меѓу 24 и 36 мил евра/год.


Во насока на искористување на можностите на механизмот за чист развој, Владата на РМ во февруари 2007 усвои Национална стратегија за механизмот за чист развој за првиот период на обврски 2008-2012 според Протоколот од Кјото. Исто така, Владата ги направи сите неопходни предуслови за функционирање на овој механизам, а тоа е, го назначи Министерството за животна средина за орган на државната управа одговорен за координирање на активностите за спроведување на проекти од овој механизам (т.н DNA-designated national authority). Во измените на Законот за животна средина, се воведе член токму за овој механизам.


Од аспект на билатералната соработка во областа на климатските промени и Протоколот од Кјото, Министерството за животна средина и просторно планирање има потпишано Меморандуми за соработка со Италијанското како и со Словенечкото и министерство за животна средина, како и со Програмата за развој на ОН (УНДП) за јаглеродно финансирање.


Можностите за јаглеродното финансирање се акцентирани и во нацрт-Националната стратегија за инвестиции.



Loading








Најмногу стакленички гасови се емитуваат при производство на кој од наведените пијалоци во нашата држава:


Испрати


Пораки

Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство

Д-р Ѓорге Иванов, . претседател на Република Македонија

Со оваа комуникација во рака, земјата е целосно подготвена за самитот во Париз

Алесандро Фракасети, заменик на постојниот претставник на УНДП

Пред нас стои предизвикот на имплементацијата на предложените мерки од Планот

Стево Темелковски, зам. министер за животна средина и просторно планирање

Последно видео

Билтен

Претплатете се на нашиот билтен